Најголемата македонска фабрика за производство и преработка на печурки, Бонум ја зацврстува својата позиција на српскиот пазар. За остварување на оваа цел, Бонум доби грант од АгБиз програмата на УСАИД. За спроведување на целиот проект, компанијата ќе инвестира над 200.000 евра, а грантот од УСАИД е во износ од 40.000 евра. “Еден дел од средствата е наменет за зголемување на пласманот на производите од зеленчук во Србија. Тука се опфатени изработката на промотивни материјали и плаќање на влезови во големите ланци на супермаркети. Другиот дел од проектот е наменет за имплементација на стандард ИСО 22 000 во фабриката и комерцијалниот дел“, вели директорот на Бонум, Момчило Ивановски.
Производство и преработка на печурки е главната дејност на Бонум. Годишниот капацитет на фабриката изнесува 800 тони свежи печурки и 1.200 тони преработени печурки. Покрај производството на печурки, Бонум има и погон за преработка на зеленчук со капацитет од 8.000 тони. Меѓутоа Ивановски вели дека засега искористуваат само 40-50% од капацитетот на фабриката, односно произведуваат околу 3-4.000 тони преработки од феферони, корнишони, цвекло, пиперка, мешана салата, домашна туршија, печена пиперка, домашен ајвар и лутеница.
(Тотал)