Интервјуа

Соња Србиновска, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна

Млечната криза допрва ќе земе поголем замав

Мелина Танчева Цветаноска

Неисплатеното млеко на фармерите за неколку месеци ќе им се чини мал проблем. За жал, млекарството допрва го чекаат тешки денови, предупредува професорката Србиновска.  Напролет ќе се јават нови вишоци на млеко, ќе се намалуваат цените на млекото во споредба со минатата година и млекарниците ќе го намалат откупот. Од друга страна млекарниците ќе мора да се прилагодуваат на се поригорозните барања за безбедност на храната  и да се борат со се поголемата конкуренција  од увозното млеко на домашниот пазар. Извозот на млечни производи е ограничен само од неколку објекти кои имаат дозвола за извоз, додека пак за ЕУ имаат само две млекарници ИМБ и Сведмилк. Со оглед на годишното производство и вишоците на млеко кои сезонски се појавуваат во Македонија, инвестицијата во изградба на  погон за производство на млеко во прав не е исплатлива.
Србиновска вели дека во ваква ситуација може единствено државата да реагира преку различни начини на интервенирање на пазарот кои се веќе познати и применувани во ЕУ, како на пример со гарантирање на минималната откупна цената на млекото или пак базна цена, подршка на внатрешниот пазар со стокови резерви, како и воведување на различни програми за млечните производи (школско млеко, социјално млеко и др) .


Со години наназад Македонија секоја година ја тресе таканаречена млечна криза. Кои се причините поради кои тие се јавуваат и има ли решение за нивно надминување?

Има разлика од млечните кризи во минатото и сегашната млечна криза. Порано млечните кризи беа вештачки и се јавуваа на пролет како резултат на зголемена лактација и промена во исхраната на добитокот. Млекарниците тогаш не можеа да го откупат тоа млеко и на тој начин се создаваа тие вештачки млечни кризи. Сега имаме сосема друга ситуација создадена само од несовесно работење на менаџерскиот тим во млекарницата.
Мислам дека оваа ситуација долгорочно многу негативно се одрази на производството на млеко и на сточниот фонд во Македонија. Наместо развој на млекарството создадовме несигурност кај фармерите кои во иднина тешко ќе се одлучуваат да инвестираат во нови посовремени фарми и зголемување на производството.

Сметам дека ова е глобален проблем кој ја нарушува основната политика за млеко која е дефинирана во стратегијата за развој на земјоделството.  Низата проблеми како што се ниската продуктивност по грло, исполнување на стандардите за безбедност на млекото, несигурноста на фармерите, нереалните откупни цени, неконкурентноста на македонските млечни производи и големата конкуренција на пазарот уште долго ќе бидат присутни кај нас.

Млечната индустрија пак мора да ги воведе стандардите за безбедност на храната и тоа со краен рок до 1.09.2009 година, што секако на повеќето македонските млекарници им зададе нови главоболки. Се наметнуваат повисоки стандарди за кои се потребни и дополнителни финансиски инвестиции и едукација на кадарот. Од друга страна, гледано долгорочно, воведувањето на овие стандарди во иднина ќе им овозможи поголема конкурентност на пазарот, производство на безбеден производ, намалување на губитоците во храна и секако поголема профитабилност.
За да и понатаму проблемите не се продлабочуваат мора навремено да се реагира и барем малку да се залечат раните.

Каква треба да биде улогата на државата?

Сметам дека државата треба да ја зголеми својата улога. Со донесувањето на новиот Закон за земјоделство и рурален развој државата има инструменти со кои може  да интервенира за одржување на стабилен баланс на пазарот на млеко и млечни производи. Со оглед дека млекарството е еден од приоритетите во нашата држава, за да се спаси од пропаѓање мора да се применат сите можни инструменти. Секако дека владата треба да одлучи кои мерки ќе ги превземе: дали тоа ќе биде преку откуп на вишоците на млеко, складирање на производи, финансиска поддршка за складирање, воведување на гарантирана цена на млекото, воведување на одредени програми и т.н.  

Последниве неколку години субвенциите кај нас се многу повисоки во однос на порано. Реално се помагаат фармерите. Проблем е што субвенционирањето е насочено во погрешен правец. Се субвенционираат рамномерно сите млекопроизводители што всушност е популистичко субвенционирање, односно тоа е како еден вид премија. Ако во државата се донесени нови стандарди и истите сакаме да ги воведеме, како што е случај со млекото, тогаш мора со повисоки субвенции да се стимулираат оние производители кои веќе ги задоволуваат законските барања.  Тоа би значело воведување на градуирани субвенции што секако ќе претставува стимулација за останатите фармери да се заложат кон исполнување на овие стандарди и добивање на повисоки субвенции.


Дали производството на млеко во прав ќе го реши проблемот со вишокот млеко во Македонија?

Постоењето на погон за  производство на млеко во прав нема да го реши проблемот затоа што нема доволна количини суровина за да се исплати таа инвестиција. Подобро решение, според мене, е да се прават резерви на некои видови тврди сирења кои може подолго време да се чуваат.

Дали извоз на сирење може да биде решение на долгогодишните кризи и на сегашната млечна криза?

Извозот на сирење може да биде решение на кризите, но затоа треба многу посерозно да се ангажираме. Имено мора да ги воведеме сите стандарди за безбедност на храната и да обезбедиме доволно количество квалитени стандардни производи кои ќе имаат соодветен бренд.  Конкуранцијата на  европските пазари во однос на кравјите сирења е огромна, додека пак овчите сирења тешко можат да ги задоволат барањата во однос на стандарден квалитет и количина. Од друга страна нашите млекарници може да извезуваат во ЕУ, само доколку имаат извозен број, кој во моментот во Македонија го имаат само ИМБ и Сведмилк. Извозот за трети земји исто така е ограничен и може да се одвива само од неколку млекарници. Сведмилк извезуваше млеко во Бугарија, ИМБ извезува овчо сирење и стерилизирано млеко и некои помали млекари извезуваат млечни производи во трети земји 
Ние како членка на Светска Трговска Организација немаме право на извозни премии, како на пример Србија, поради што нашите производи дополнително се помалку конкурентни.

Зошто македонските  млекарници не произведуваат пробиотски производи, млечни намази и други млечни произведи кои се многу барани на мак пазар?

Ние немаме големи млекарници кои би можеле да понудат такви производи , освен ИМБ и Сведмилк. Сите други се мали и немаат технологија за да можат да произведат такви производи. Мала млекарница би можела да произведува такви производи, доколку се специјализира само за тие производи. Со новиот правилник за безбедност на млеко и млечни производи сите, млекарниците мораат задолжително да воведат континуиран процес на производство на течни производи и соодветно  затварање на финалните  производите и тоа до крајот на 2009 година. Значи на пазарот не ќе можат да се пласираат производи како јогурт и кисело млеко со капачиња кои лесно се отвараат. За да одговорат на ова барање млекарниците ќе мора да направат сериозни инвестиции во купување на опрема за соодветно производство и затварање на производите.

Се поклопува периодот за крајниот рок за воведување на стандардите во млекарниците и притисоците од фармерите. Кога млекарниците мора да работат на задоволување на стандардите,  тешко ќе  можат да одговараат на барањата на фармерите за повисоки откупни цени или за откуп на поголеми количини млеко.

 

KAPITAL

Најновиот број на Капитал донесува:

Tема на број:Грција нa работ на банкрот! Од ЕУ бараат 300 милијарди евра!
Недвижности: Становите нема да поскапат во 2010!
Европски фондови:Стигнаа првите 20 милиони...


ВАЛУТА Куповна Средна Продажна
EUR 61,35 61,66 61,97
USD 48,14 48,39 48,63
Цела курсна листа

  • Календар на настани

    <   Настани за месец септември 2010   >
    П В С Ч П С Н
      1 2 3 4 5
    6 7 8 9 10 11 12
    13 14 15 16 17 18 19
    20 21 22 23 24 25 26
    27 28 29 30  

Почитувани читатели и клиенти,

Ве известуваме дека од почетокот на 2010 година содржините на веб порталот Тотал ќе бидат привремено недостапни поради интегрирање на сите активности во рамки на компанијата Капитал Медиа Гроуп. Нашата компанија во 2010 година влегува во нова фаза од својот развој која освен издавањето на неделникот Капитал ќе вклучува и издавање на дневен весник за бизнис и политика. Освен тоа, бројот и интензитетот на издавање специјализирани изданија под брендот Капитал исто така останува наш силен приоритет и во следниот период, додека организирањето обуки, семинари, предавања, конференции и други настани од исклучително значење за македонската деловна заедница се наша долгорочна цел и визија од која не отстапуваме.

Потребата од интегрирање на сите овие функции со еден заеднички именител и препознатлив корпоративен имиџ доведоа до одлуката www.total.com.mk привремено да биде надвор од функција. Нашата Интернет видливост и определбата нашите Интернет содржини да бидат прв, посакуван и корисен извор на информации за нашите читатели и клиенти остануваат високо на агендата на Капитал Медиа Гроуп, поради што во периодот февруари-април, сите содржини ќе бидат интегрирани во една единствена веб адреса.


Со почит,
Капитал Медиа Гроуп