По завршувањето на минатонеделниот Самит на шефови на државите од централна Европа, во интервју за “Политика, српскиот претседател Борис Тадиќ зборува за евроинтегративниет процеси во Србија и во целиот регион, за визната либерализација. Најконкретниот резултат на изминатиот Самит, според него, е тоа дека Србија се искачила на скала повеќе кога е во прашање либерализацијата на визниот режим, но предупредува дека се лажат сите кои мислат дека разговорите за визна либерализација се завршени.
- Што уште би можело да биде конкретен резултат од овој самит?
Овој самит беше прилика уште еднаш да разговарам со претставниците на ЕУ и да покренам тема дека една држава во ЕУ не може да ги блокира оние држави кои сакаат станат членки на ЕУ, при што се говори за неопходноста од ратификација на Лисабонскиот договор. Имавме една многу важна дебата на тема Лисабонски договор и имаше различни мислења на претставницита на државите членки на ЕУ, при што словенечките, италијанските и чешките претставници беа најактивни во таа дебата, но на крај преовлада мислење дека Западен Балкан има првенство за влез во ЕУ, а потоа и некои други региони како што се источна Европа и Турција. Тоа е многу конкретна работа и многу е важно што на овој самит тоа и го потврдивме, при што учесниците кои веќе се во ЕУ имаат начин низ институциите на ЕУ да покренат дебата и на некој начин да бидат адвокати на ова наше мислење.
- Чешкиот претседател Вацлав Клаус, од една страна, ја поддржува европската интеграција на Србија, а од друга страна е жесток евроскептик и противник на Лисабонскиот договор, т.е се уште не ја потпишал неговата ратификација. Дали дојде до некое поместување на неговиот став, имајќи предвид дека “Лисабон“ на некој начин е услов за натамошно проширување на ЕУ?
Потполно е јасен ставот на Вацлав Клаус, чешкиот претседател и мој пријател, дека Србија е добродојдена во ЕУ. Тој е противник на Лисабонскиот договор од потполно други причини, а тоа е начинот на функционирање на ЕУ. Тој не ја поддржува идејата ЕУ да биде заедница на регионот, туку се залага за тоа таа да биде заедница на национални држави или држава по себе. Јас имам разбирање за таквиот став, но многу е важно таквата дебата да не го закочи процесот на интегрирање на Западен Балкан, Србија и останатите држави и тука потполно се сложивме.
- Дали на дебатите затворени за јавноста се изнесени предлози за некое ново енергетско поврзување, што не подразбира само гасоводи како што се “Јужен тек“ и “Набуко“?
Во своето излагање акцент ставив на тема енергетика во контекст на развојот на економијата, безбедноста и европските интеграции. Просторот Западен Балкан едноставно не може да се заобиколи, бидејќи е најкраткиот пат помеѓу Европа и Азија, но и Европа и енергетските снабдувачи од Каспискиот базен. Тука пред се мислам на Русија, Туркменистан, Казахстан, Азербејџан, а во иднина и Иран, но и Египет како нов но многу значаен произведувач на гас, кој веќе гради гасовод кон Израел, кон Сирија и чиј гасовод евентуално, преку Турција би одел кон Европа.
Европа има големи потреби од гас, бидејќи и се потребни по двесте милијарди кубни метра гас годишно. Постоечките проектирани гасоводи, како што се “Северен тек“, “Јужен тек“ и “Набуко“ обезбедуваат деведесет милијарди кубни гас. Така недостасуваат уште сто и десет милијарди кубни гас, при што идните гасоводи мораат да поминуваат низ Западен Балкан. Неволјата е во тоа што не заобиколува “Набуко“, но трасата на овој гасовод се уште не е дефинитивно одредена и ние ќе направиме се еден дел од трасата на тој гасовод поминува низ Србија, како што двата гасоводи во југоисточна Европа поминуваат низ Бугарија, така и ние би сакале да добиеме таков статус.
- Бугарија е во повластена положба бидејќи освен “Науко“ и “Јужен тек“ кои би требало да поминат низ нејзина територија, таа склучи и договор за снабдување со течен гас од Катар. Дали се изложени некои идеи за нови извори на гас неопходни за Западен Балкан?
Во тој контекст, неформално им предложив на моите соговорници од Западен Балкан и од некои држави членки на ЕУ, кои се дел од југоисточна Европа, идеја за издигнување, планирање и заедничко претставување на енергетските капацитети во регионот. Тоа би било многу значајно бидејќи би ги поткренало нашите перформанси и би станале поатрактивни за зачленување во ЕУ. Изградбата на складиште за гас на овие простори, пред се во Србија, но можеби и во Босна и Херцеговина во иднина, го прави целиот простор на Балканот уште поатрактивен за интеграција. Така мораме да ги подигнеме капацитетите на нашите земји, а не само да вршиме законска реформа, за да бидеме важни за ЕУ. Доколку не сме битни, помала е веројатноста дека ќе влеземе во процесот на европски интеграции.
Од наша страна мораме да направиме се за овој простор да биде атрактивен за Унијата. Прашањето за енергетиката е директно врзано за политиката и безбедноста и во таа смисла, доколку Србија и целиот регион биде транзициона територија за енергенси, ќе станеме и важна безбедносна точка. Интересот на Европа е да да ја интегрира секоја важна безбедносна точка. Наша работа е да ги зголемуваме аргументите за нашата важност за целиот европски простор во економска, енергетска, безбедносна, а со тоа и политичка смисла.
(Политика, Белград)