Со сопственикот и генерален менаџер на словенечката бизнис-групација Рико, разговаравме на маргините од македонско-словенечкиот бизнис- форум што се одржа минатата недела во Скопје. Јанез Шкрабец, е релативно непозната фигура во земјава, но во Словенија е играч од “големата лига”. Еден од најмоќните словенечки тајкуни, успешен претприемач, но и познат како голем донатор во културата и спортот, во 2007 година од деловниот магазин Финанс беше избран за менаџер на годината во Словенија. Шкрабец најавува дека Рико е сериозно заинтересирана за инвестиции во Македонија, а според него, времето на криза треба да го искористиме токму како шанса да привлечеме странски вложувачи.
Екслузивно за Капитал откри и кои се, според него, најважните менаџерски принципи по кои се раководи, и што е најважно за еден лидер во услови на криза.
-Во земјава Рико е познат како главен изведувач на градежните работи на ХЕЦ Матка 2. Какво е вашето искуство од досегашното работење во Македонија?
Ние сме овде веќе 3-4 години и ја добивме работата во жестока конкуренција на неколку силни меѓународни компании. Инвеститор е ЕЛЕМ, кој е многу професионален, а и ние работиме со многу професионална и стручна екипа. Се разбира дека има и некои поситни проблеми, што се вообичаени при градењето на ваков комплексен проект. Ние овде интегриравме околу 30 компании што учествуваат во изградбата, тие сите треба да се координираат, па нормално е дека излегуваат и разни непредвидливи ситуации и сл. Па, и една обична куќа да градите, ќе се соочите со низа ситуации, а не кај проект што “тежи” 40-50 милиони евра. Главно, нашите искуства од работата во Македонија се многу позитивни.
-Познато е и дека Рико е заинтересиран и за големите проекти за хидроцентралите Чебрен и Галиште. Кажете ни нешто повеќе за тоа?
Обновливите извори на енергија, како хидро-потенцијалите се топ-тема, особено сега кога другите ресурси стануваат сe поскапи. Македонија има добар потенцијал за хидроцентрали. Рико соработува со силен партнер во конкурирањето за овој проект, знаете дека од Словенија се интересираше ХСЕ заедно со германскиот гигант РВЕ, и ако тој ја добие работата, ние слично како и во Матка2, би ги изведувале градежните работи. Ние сме способни за тоа, направивме голема екипа, имаме големо искуство, и способни сме да продолжиме со вакви проекти во Македонија, но и на други пазари, каде што сме силни, а тоа се пазарите на поранешниот Советски Сојуз.
-Каков впечаток остава кај потенцијалните инвеститори ова бескрајно повторување на тендерите за Чебрен, Галиште, но и други проекти?
Точно е дека неколку тендери за Чебрен и Галиште беа неуспешни, но се надеваме дека овој последниот ќе биде во ред. Ова не е реткост и во други држави, еве и во Словенија тендерите многу често се коригираат, поништуваат и сл. Сепак, вакви проекти се извонредно комплексни и скапи и не е чудно да траат и по неколку години.
-Дали мислите дека во услови на криза каква што го тресе светот сега, е реално да планирате вака големи проекти?
Ние во Словенија веќе направивме мит од синтагмата дека кризата е време и на нови можности. Но, тоа е вистина. Токму во време на криза, особено откако се случија структурни реформи, а Македонија направи многу позитивни реформи во насока на подобрување на бизнис-амбиентот, оваа нова клима можеби ќе привлече компании што ќе бараат поповолни услови за работа, отколку што имаат дома. Кризата е тешка, но во криза се бараат нови можности, а таа нова можност би можела да биде токму Македонија.
-Освен во енергетиката, групацијата Рико е активна и во неколку други сектори. Кои се всушност главните бизниси на Рико и какви се можностите за инвестиции во Македонија во рамките на тие области?
Нашата главна дејност е во автомобилската индустрија. Рико е набавувач на различни технологии за автомобилските индустрии во Русија, Украина и Белорусија. Имаме проекти заедно со Автоваз, Зил и други големи компании од овие земји. Косопственик сме и на Мариборската ливница. Ако ме прашавте пред една година, многу повеќе ќе бев оптимистичен, но денес автомобилската индустрија е во голема криза и добар дел од тие проекти се под знак прашалник. Вие знаете дека на овој пазар успешно работи, барем досега работеше ТЦГ Унитек, кој има слична производна програма како нашата мариборка ливница и нашите планови беа во таа насока.
Би сакал да споменам дека ние многу добро соработуваме и со компании што произлегоа од поранешниот МЗТ, и пред некоја година имавме една помала зделка со нив.
-Како Рико, од анонимна компанија во мало место во Словенија, стана глобален играч?
И стариот Рико беше многу успешен во поранешен СССР, ние и пред 20-30 години застапувавме дваесетина југословенски производители на машини за алати на тие пазари. На почетокот од 90-тите, кога и Југославија и СССР се распаднаа, нашата среќа беше што се поврзавме со Автоваз, најголемиот производител на автомобили во поранешниот СССР, и за нив добавуваме различни технолошки компоненти за производните линии. Од таа соработка добивме многу добри референци и станавме познати во овој сегмент и во Германија, Австрија и на други пазари. Не би рекол дека сме многу глобална компанија, затоа што светот е голем, а државите каде што сме присутни се еден мал дел од светот. Стратегијата на Словенија, како мала држава, а исто така и на Македонија, не треба да биде глобално ориентирана, туку компаниите треба да станат значаен играч во поединечни сегменти, на поединечни пазари. Јас секогаш велам дека ние како Словенци, може многу подобро да ги разбираме Русите и другите словенски народи, отколку западните народи и пазари.
-Кои се најголемите проекти на кои работите во моментов?
Ние сме инжинеринг-фирма. Покрај индустрискиот инжинеринг и набавка на технологија, ние се занимаваме и со еколошки проекти. Ние за македонската влада направивме стратегија за менаџирање со отпадни материи и сите средствата ги обезбедивме самите, од словенечки фондови. Во екологијата сме уште на два проекти, што завршуваат во март. Еден од поголемите проекти ни беше изградба на голем складишен центар за Икеа во Москва, а токму таму правиме и голем логистички центар за словенечката компанија Интереуропа, на површина од 500 илјади метри квадратни. Во тој логистички центар, Интереуропа ќе работи комплетна логистика за ГМ, Сузуки и други големи автомобилски компании.
Минатата година имавме 100 милиони евра обрт, а нашиот рејтинг е постојано А1.
- Кои се основните менаџерски принципи според кои ги управувате своите бизниси?
Основно е да имате силен тим и да ги почитувате своите соработници. Да се опкружите со попаметни и поуспешни луѓе околу вас, а вие да сте интегратор кој со своето искуство и знаење ги насочувате. Тимот треба да има слобода но, и и одговорност, за да можат и како личности и како професионалци да се развиваат. Секако дека многу помагаат и теориите од гуруата на менаџментот што сум ги прочитал, како Питер Дракер, Том Питерс и останатите, но на крајот на краиштата, треба да сте уникатни, да си изградите свој специфичен стил на менаџирање.
-Како според вас треба да се однесува бизнис-лидер во услови на криза како оваа?
Тоа е добро прашање и за мене, затоа што мојата генерација сe уште не била во криза. Добро, во почетокот на 90-тите беше тешко за нас, но околината беше успешна, Австрија, Германија беа успешни, па можеа да нe повлечат и нас. Но сега кризава е глобална, ги зафати сите земји, сите индустриски сектори...Пред сe, не смее да нe зафати паника, а оние кои се лидери, токму во вакви моменти треба да покажат оптимизам и да ги мотивираат луѓето.
Сега мислам дека уште поголема улога имаат оние моменти, за кои во добри времиња само зборуваме, а сега доаѓаат до полн израз, пред сe довербата, оптимизмот, луѓето што се околу вас да чувствуваат дека ви се значајни. А, како ќе биде понатаму, мислам дека никој не може да предвиди, одосно колку ќе биде долга кризата и како ќе излеземе од неа. Еве, пред месец дена се собраа светските бизнис и полтички лидери во Давос, па ниту тие најдоа одговор што барем ќе мириса на некое решение.